Почитувани,
Како наши партнери во грижата на пациентите со дијабетес Ви се обраќаме со молба да ги разгледате нашите барања / предлози кои се во насока за подобрување на медицинската грижа на нашите пациенти, односно на пациентите со дијабетес мелитус, сeкако имајќи ја во предвид новата реалност предизвикана со вирусот COVID 19 и тоа:
– Усвојување на национален план за превенција од дијабетес 2020 – 2030.
– Изработка на национален регистер за лица со дијабетес
Водејќи се од потребата за добра евиденција и увид во моменталната ситуација, потребно е државата да го креира овој национален регистар со точна бројка на лицата со дијабетес, по тип на дијабетес, возраст, пол, место на живеење и сл. Транспарентно достапниот регистер ќе биде сериозен темел за да се изработи националната стратегија за справување со дијабетесот. Изработката на оваа национална стратегија сметаме дека треба да биде доделена на стручната јавност и во креирањето на истата да бидеме вклучени и ние како национален сојуз.
– Организирање на едукативни кампови за децаи адолесценти со дијабетес
Едукацијата за дијабетес да се стави на врвот на приоритетно дејствување на сите чинители за превенција и справување со дијабетесот, предводени од националната комисија за дијабетес и министерството за здравство. Со организацијата на овие едукативни кампови кај овие две групи на пациенти, кои се посебно осетлива категорија на пациенти, сметаме дека на истите ќе им помогнеме за полесно да ја прифатат својата здравствена состојба и со тоа да им помогнеме да постигнат добра контрола на дијабетесот, како и да научат како да постигнат сигурна лична заштита од COVID 19.
– Набавка на најсовремени достапни терапии
Водејќи се од идејата нашите пациенти да добиваат современа терапија за третман на нивниот дијабетес, очекуваме дека како Министерство за здравство ќе успеете истата да ни ја обезбедите. Во овој дел нашите очекувања се однесуваат за набавка на современата инсулиска терапија, GLP-1 агонисти како и друга таблетарна терапија. Во реализацијата на престојниот тендер нашите очекувања се дека, согласно законот за лекови, сите законски барања во делот на квалитет ќе бидат запазени.
– Набавка на сензори за континуирано мониторирање на гликемиите, глукометри, ленти, ланцети и инсулински игли
Сензорите за континуирно мониторирање на гликемиите се медицинско помагало со кое во огромна мерка од една страна се унапредува гликемиската контрола, а од друга страна се подобрува квалитетот на живот на децата со дијабетес тип 1 и нивните фамилии. Очекуваме набавка на количини кои ќе бидат доволни за сите деца со дијабетес тип 1 на возраст до 18 години. За нивната набавка сметаме дека треба да се обезбеди буџет кој ќе биде независен и одвоен од буџетот за набавака на инсулин и друга антидијабетична терапија.
Набавката на глукометри за мерење на гликемија, ленти, ланцети и игли за пациентите со дијабетес тип 1 и тип 2 согласно највисоките светски стандарди за глукометри и протоколи за контроли на гликемијата, задржувајќи го принципот на предност за квалитет наместо најниска цена. Предлагаме да се реализира по принципот на референтна цена, односно истите да се вклучат на позитивната листа или да се издаваат по принципот на издавање на ортопедските помагала. Сметаме дека треба да се дефинира најниска референтна цена која ќе биде покриена од страна на ФЗО а разликата од таа цена до цената на друго избрано помагало да биде надоместена од страна на самите пациенти. Исто така, очекуваме дека ќе продолжи како и досега, набавката на игли за аплицирање на инсулин од 4мм и 6мм. На ваков начин од една страна државата ќе продолжи да обезбедува загарантирани глукометри, ленти, ланцети и инсулински игли, како и до сега, а од друга страна самите пациенти ќе имаат право на избор ако сметаат дека истиот е неопходен.
– Унапредување на грижата за пациентите со дијабетес COVID 19
Сметаме дека Министерството за здравство, со значително повисоко ниво ќе ги унапреди квалитетот на услуги за прегледи кај специјалисти: дијабетолози, ендокринолози, офтамотолози, кардиологија, неврологија и нефролози, за навремено откривање на можни комбордитети. Предлагаме измена за системско решение за континуирана достапност на стручна психолошка поддршка на нашите пациенти. Сите интернисти кои имаат право да пропишуваат инсулинска терапија сметаме дека треба да имаат право да ја пропишуваат и новата современена терапија, за разлика од сегашното решение согласно кое само одреден број на интернисти (центри за дијабетес во рамки на општи и клинички болници), имаа привилегија да лечат со современа терапија. Сметаме дека неопходно е рестартирање на центри за дијабетес, во здравствените установи каде постоеле, во некои од регионите и како регионални центри за дијабетес.
Особено важно, за здравјето па и животот на лицата со дијабетес, е итно да се вратат сите специјалистички и субспецијалистички прегледи за лицата со дијабетес покрај шестмесечните, да се овозможат интеревенциите на лицат со дијабетес кои имаат комбордитети како шти се неврологија, офтамотолигија – особено за спас на видот.
На крај дозволете да Ви се заблагодариме за нашата досегашна успешна соработка и да изразиме надеж дека овие наши конструктивни барања / сугестии ќе бидат разгледани и усвоени од Ваша страна, согласно можностите.
Само со обострано меѓусебно почитувања и препознавање на моменталните потреби ќе бидеме во можност да ја унапредуваме оваа соработка, со цел да создадеме услови за подобра грижа на нашите пациенти, подобри гликемии, помалку компликаци и многу позадоволни пациенти, а со тоа и позадоволни семејства.
Со почит,
Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија
Претседател,
Димче Велев