Уште една мила и храбра девојка, Цеце Котева, реши да ја сподели нејзината приказна со дијабетесот. За прв пат и беше дијагностициран дијабетес тип 1 на 12.07.2013. Во овие 7 годинин научи како да живее со него и дека со редовна контрола на шеќерот во крвта, може да живее нормален и среќен живот. Се надевам дека нејзината приказна ќе биде мотивација за сите.

Денес 12.07 ден кој што секоја година доаѓа најбрзо, кој ќе го паметам засекогаш. Тој ден исто како вчера да беше кога за прв пат ми кажаа дека имам дијабетес. Кога го слушнав тоа бев шокирана, имав само 10 години, не ми беше јасно што значи тоа. Нормално како и секое дете, така и јас се запрашав зошто баш јас, зошто јас да не бидам како и сите други деца. Сакав да можам да излегувам без обврска да треба да мерувам гликемија на секои 4 часа, некогаш и повеќе. Со текот на времето сфатив дека јас немам ништо што ме прави поразлична од другите. Исто така сфатив дека дијабетесот не е нешто од што би требало да се срамам. Дијабетесот е обична состојба со која се има можност за подобар и поздрав живот.
Како што растев и минуваа годините учев се повеќе и повеќе работи во врска со дијабетесот. Станував свесна за тоа што е добро, а што не е. Разменував мислења со многу други кои го поминале тоа што сега јас го минувам на овие години. Бев дете што многу брзо го прифати дијабетесот и се навикнав на начинот на живот со него.

Прифањето на животот со дијабетес тип 1
Најважното што го научив е тоа дека дијабетесот не е нешто со што имаш нешто различно од другите и не е нешто со кое не би можел да живееш, со се може да се живее, а тоа не е никаква пречка во животот. Овие 7 години сум се погорда на себе што ниту еден ден не се откажав да верувам во тоа дека животот со дијабетес ме направи да бидам посилна личност во животот, и да се борам за тоа што сакам да го постигнам.