Среќни 22 години живот со дијабетес. На 16.10.2020 се одбележаа 22 години откако започна мојот живот со дијабетес тип 1.
Во овие 22 години постојано се соочував со многу предизвици: одење на редовни контроли, високи и ниски вредности на шеќерот во крвта, тага, многу солзи, многу среќа и насмевки… Исто така ми беше дијагностицирана дијабетична ретинопатија, што ми помогна да сфатам колку страшни може да се последиците доколку не го контролирам редовно дијабетесот.

Но, животот со дијабетес има и позитивни страни. Во прилог ги издвоив следниве:
Дијабетесот ме направи посочувствителна личчност
Една од најголемите позитивни страни на животот со дијабетес е да станете чувствителни со други луѓе. Дијабетесот ми помогна да разберам дека едноставно не знаете низ што се поминуваат луѓето во животот, но и тоа дека еден љубезен гест може да го направи денот на некого уште подобар. Исто така, дијабетесот ми помогна да разберам што е важно, а што не.
Дијабетесот ме научи дека не треба да се вознемирувам за се, затоа што тоа му штети на моето здравје. Исто така, тоа ми помогна да поставам граници и ме научи да се радувам на поедноставните работи во животот. Дијабетесот ми помогна да разберам колку многу значи кога им помагаме на другите луѓе. Иако на почетокот споделувањето на нашето искуство со дијабетесот може да биде многу тешко, сепак на крајот, може да пренесеме моќна порака и да им помогнеме на многу луѓе да се прифатат себе си и да научат да живеат со секоја состојба.
Ми помогна да разберам колку е навистина важно да бидеме здрави и среќни
Многу е бинто да се чувстувуваме добро во сопствената кожа, да сме полни со енергија, да идеме фит, да се храниме здраво, да спиеме доволно, итн. Исто така, открив кои групи на храна влијаат на нивото на шеќерот во крвта. Открив начини како да ја подобрам чувствителноста на инсулин и на тој начин да ја регулирам дозата на инсулин.
Најбитно од се, не ме спречува да одам напред и да напредувам
Никогаш досега, дијабетесот не претставувал пречка во исполнување на моите цели и соништа. Напротив, многу работи имам направено во животот. Најблагодарна за тоа сум им на моите родители и на сестра ми. Без оглед дали станувало збор за одење на концерти, патување во странство или справување со стресни ситуации, животот со дијабетес ми даде уште поголема желба и мотивација да искусам многу работи во животот.
Среќни 22 години живот со дијабетес! За уште многу успешни години што следат! 🙂